Силно невреме што го зафати северниот и централниот дел на Јадранското Море предизвика низа проблеми долж крајбрежјето, а во повеќе места беше регистрирана и ретката појава позната како метеоцунами. Наглите промени на нивото на морето ги изненадија туристите и локалното население, додека во одредени пристаништа водата толку брзо се повлече што дел од чамците останаа да лежат на морското дно. Невремето беше проследено со грмотевици и град, а штети беа пријавени на повеќе локации.

Бурниот систем се формирал над северна Италија, каде што на одделни места бил забележан град со дијаметар до осум сантиметри. Потоа невремето се придвижило кон Јадранското Море, зафаќајќи го и архипелагот во близина на Задар.

Во Задар пожарникарските служби интервенирале на десетина локации поради паднати дрвја и материјална штета предизвикана од градот. Во близина на брегот се превртела и една едрилица.

Паралелно со невремето, долж северниот и централниот Јадран биле забележани необични и нагли промени на нивото на морето. Во Пула и Задар морето најпрво навлегло врз крајбрежјето, а потоа следувало ненадејно повлекување на водата.

Најизразени последици биле регистрирани во Стари Град на островот Хвар. Според информациите, околу 23 часот нивото на морето прво се зголемило за повеќе од 30 сантиметри, по што за кратко време се повлекло на ниво од околу 60 сантиметри под вообичаеното. Поради ваквата нагла промена, дел од чамците останале на морското дно.

Очевидци за хрватските медиуми сведочеле дека туристите биле затекнати од ненадејното надоаѓање на морето.

„За некои луѓе водата достигна до колена и почнаа да бегаат. По само неколку моменти следуваше силна осека, при што бродовите го допреа морското дно“, изјавил очевидец.

Метеоролозите објаснуваат дека станува збор за феномен наречен метеоцунами. За разлика од класичните цунами бранови, кои најчесто се поврзуваат со земјотреси, оваа појава е предизвикана од нагли промени на атмосферскиот притисок за време на интензивни бури.

Ваквите промени создаваат осцилации на нивото на морето, а нивните ефекти најсилно се чувствуваат во плитки и издолжени заливи. Во такви услови брановите можат дополнително да се засилат и да предизвикаат уште поизразени промени на водостојот.

Иако метеоцунамите се сметаат за релативно ретка појава, експертите предупредуваат дека за време на силни невремиња тие можат да доведат до поплавување на крајбрежните подрачја, но и до ненадејно повлекување на морето, што претставува потенцијална опасност за капачите и за пловилата.