Македонскиот премиер Христијан Мицкоски вечерва во интервју за Click Plus на ТВ21 откри детали за разбивањето на терористичка ќелија на подрачјето на Гостивар и Струга. Според него, групата планирала терористички напади во земјата и пошироко, но со заедничка акција со партнерските служби била успешно неутрализирана.
Закана за терористички напади
Мицкоски изјави дека за групата постоело основано сомнение дека подготвува напади кои би ги загрозиле безбедноста и стабилноста на земјата.
„Постоеше основано сомнение дека оваа ќелија планира напади насочени кон цели во државата, конкретно терористички напади,“ изјави премиерот.
Според него, оваа ќелија е само дел од поголема мрежа која е активна во регионот.
„Оваа ќелија е само една од многуте што се активни во регионот, но кај нас е веќе неутрализирана и обезбедена,“ додаде Мицкоски.
Соработка со партнерските служби
Премиерот нагласи дека неутрализацијата на терористичката група била резултат на тесна соработка со меѓународните партнери.
Со помош на нашите партнери, успешно ја неутрализиравме,“ рече тој, додавајќи дека е неопходна координација меѓу државите за целосно елиминирање на ваквите закани.
Мицкоски изрази очекување дека и другите земји во регионот ќе преземат оперативни активности за разбивање на слични ќелии во блиска иднина.
Потврда на безбедносната подготвеност
Оваа акција ја потврдува безбедносната подготвеност на Македонија и нејзините партнери да се справат со заканите од тероризам, притоа зачувувајќи ја стабилноста во земјата и регионот. Властите остануваат посветени на заштитата на граѓаните и соработката со меѓународната заедница во борбата против терористичките активности