Целосно се неспособни, системот ни е поразен, не знаат како и затоа ни се потребни предвремени избори за да дојдат луѓе кои ќе знаат како да се справат со овие инциденти, денес се лажни дојави за бомби, утре ќе биде нешто друго и така ние ќе се вртиме во круг, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за време на посетата на општина Бутел одговарајќи на прашање за тоа дали очекува брз ефект од најавените чекори, за заострени мерки за заштита на училиштата, од Владата во контекст на дојавата за бомби.

„Имав една можност да видам една анализа. Направија анализа од Центарот за комуникации во рамки на нашата партија од 2018 година ние се бориме со хибридни напади. Тогаш ги најавувала Радмила Шекеринска, денес се бори оваа Влада на Димитар Ковачевски. Значи четири години се бориме со хибридни напади, па не знам кој да беше за четири години ќе се избореше некако или ќе капитулираше. Овие само го држат народот во паника, во страв“, посочи Мицкоски.


Според него за оваа Влада само еден збор кажува се.

„Неспособни е еден збор што ги дефинира нив, неспособни се и затоа се потребни избори. Мора да сфатат сите, колку подолго е оваа Влада толку повеќе Македонија ќе губи и помалку ќе го има народот во Македонија. Малкумина од нив земаат за себе и помалку има за народот“, заклучи Мицкоски.