Денеска, пред Амбасадата на Србија во Скопје, беше одржан мирен протест на кој граѓаните изразија поддршка за српскиот претседател Александар Вучиќ. Со транспаренти на кои пишуваше „Поддршка за Вучиќ“, учесниците вееја српски и македонски знамиња, испраќајќи пораки за добрососедство и стабилност.

Денковска: „Вучиќ ја поддржува политиката на мирот“

На собирот се обрати Маја Денковска, претседател на Здружението на граѓани „Мир, слога, стабилност – Скопје“. Таа истакна дека протестот е израз на благодарност за политиката на претседателот Вучиќ, која ги поддржува мирот и стабилноста во регионот.

„Претседателот Александар Вучиќ е еден од ретките лидери кој не побара од нас Македонците да го менуваме името, Уставот, идентитетот или јазикот. Напротив, тој покажа искрена почит кон нашата историја и иднина,“ изјави Денковска.

Таа потсети на несебичната поддршка од Србија за време на пандемијата со Ковид-19, кога српската држава ги отвори вратите за македонските граѓани и ја сподели својата залиха од вакцини.

Младината и образованието во фокусот

Денковска ја нагласи важноста од насочување на младите генерации кон образование и наука, а не кон протестни активности кои водат кон безредие.

„Местото на нашите деца е во училишните клупи, спортските сали и научните центри, а не на улиците. Нивното учество во темнина и анархија е спротивно на вредностите за кои се бориме,“ изјави таа.

Таа изрази благодарност до македонската влада за поддршката на добрите односи со Србија, особено за залагањето за заштита на правата на етничките заедници и зајакнување на соработката.

Повик до амбасадорот на Србија

На протестот беше упатен и повик до амбасадорот на Србија, Невена Јовановиќ, да ја пренесе поддршката за претседателот Вучиќ.

„Господ нека ја благослови Македонија, Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ,“ порача Денковска во завршниот дел од својот говор. Таа нагласи дека добрососедските односи се клучот за стабилноста и иднината на регионот.