Во организација на АХК Македонија, дел од мрежата на германските стопански комори во странство, а во соработка со Германско-македонското стопанско здружение, денеска во Скопје се одржа Германско-македонскиот бизнис самит 2026 на тема „Примената на технологијата, дигитализацијата и вештачката интелигенција како двигатели на економскиот развој“.

На настанот присуствуваа високи претставници од бизнис-секторот од Македонија, Германија и регионот, а свое обраќање имаше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека дигиталната трансформација повеќе не е избор, туку национален приоритет.

„Ми претставува особена чест што денес се обраќам на German-Macedonian Business Summit 2026, настан кој испраќа силна порака дека партнерството помеѓу нашите две земји не е само економска соработка, туку заедничка визија за иднината“, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека светот се менува со невидена брзина и дека економската моќ денес не се мери само преку природни ресурси или големината на пазарот, туку преку знаење, иновации, технологија и способност за брза адаптација.

„Токму затоа, ние како земја ја гледаме дигиталната трансформација не како избор, туку како национален приоритет. Нашата цел е јасна — да изградиме модерна, ефикасна и конкурентна економија која ќе биде интегрирана во европските синџири на вредност и ќе создава можности за домашните компании, за младите луѓе и за идните генерации“, рече премиерот.

Во своето обраќање, Мицкоски ја истакна и улогата на Германија како еден од најважните економски партнери на Македонија.

„Германија за нас претставува повеќе од економски партнер. Таа е симбол на индустриска моќ, технолошки развој, дисциплина, иновации и стабилен економски модел кој со децении создава вредност и напредок“, порача тој.

Според него, германските компании во Македонија не се само инвеститори, туку директни партнери во трансформацијата на македонската економија.

„Тие отвораат работни места, носат нови стандарди, нова корпоративна култура, технолошко знаење и практики кои го менуваат економскиот пејзаж на државата“, нагласи Мицкоски.

Премиерот посочи дека Владата останува посветена на создавање стабилна и предвидлива бизнис-клима, преку намалување на административните бариери, дигитализација на услугите и модернизација на инфраструктурата.

Тој оцени дека времето кога економскиот раст се темелеше на евтина работна сила е зад нас и дека новата економија бара паметни фабрики, автоматизација, вештачка интелигенција, зелени технологии и постојани инвестиции во човечкиот капитал.

„Нашата визија е да создадеме држава во која младите инженери, програмери, иноватори и претприемачи нема да мора да ја бараат својата иднина надвор, туку ќе имаат можност да создаваат дома — во модерна економија која ги вреднува нивното знаење и талент“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата инвестира во дигитална инфраструктура, модернизација на образованието, дуално образование и развој на ИТ и технички вештини, со цел да се создаде подготвен кадар за новата дигитална ера.

Во говорот беше потенцирана и важноста на партнерството со германската економија, особено во сферата на индустриската дигитализација, паметното производство и енергетската ефикасност.

„Имаме млади, талентирани и амбициозни луѓе. Имаме стратешка географска позиција. Имаме потенцијал да станеме регионален центар за нови технологии, логистика, напредно производство и дигитални услуги“, истакна премиерот.

Тој најави дека Владата ќе продолжи со политики за поттикнување на иновациите, стартап екосистемот, истражувањето и развојот, како и со поврзување на универзитетите со индустријата.

„Денес повеќе од кога било е важно Европа да остане економски силна, технолошки конкурентна и индустриски стабилна. Во време на глобални економски турбуленции, енергетски кризи и геополитички предизвици, потребни се нови партнерства, нова доверба и нова економска динамика“, рече Мицкоски.

Според него, токму затоа овој самит има големо значење, бидејќи претставува можност за нови инвестиции, партнерства и заеднички проекти.

„Нашата порака е јасна: Сакаме да бидеме сигурен партнер, стабилна економија и држава која ги препознава и поддржува иновациите, технологијата и претприемништвото“, порача премиерот.

На крајот од обраќањето, Мицкоски испрати симболична порака дека Македонија не ја чека иднината, туку активно ја создава.

„Затоа, денес од Скопје испраќаме порака дека иднината не ја чекаме — ја создаваме. Со партнерство. Со знаење. Со технологија. Со доверба. И со јасна визија за модерна европска Македонија“, истакна премиерот Христијан Мицкоски.