Премиерот Христијан Мицкоски најави дека во наредниот период ќе бидат ставени во функција вкупно 10 современи операциони сали, оценувајќи дека станува збор за значаен чекор во модернизацијата на здравствениот систем.

-Напредок во здравството. Пуштени се 6 нови современи сали, а во наредните месеци следуваат уште 4, со што ќе заокружиме вкупно 10 модерни операциони сали.

Дополнително, од почетокот на летото се очекува завршување на нов проект во болницата „8-ми септември“, каде исто така ќе има врвно опремени операциони сали.

Целта е јасна подобро, поефикасно и модерно здравство. Здравството останува еден од нашите врвни приоритети, истакна Мицкоски.

Тој упати честитки на сите институции вклучени во реализацијата на овој проект и најави уште неколку вакви слични проекти.

 -Во периодот којшто следи ќе се радуваме уште на неколку проекти од оваа природа, коишто ќе бидат ставени во функција за заштита на здравјето на граѓаните, којашто е наша основна цел како Влада, потенцира премиерот Мицкоски.

– Ќе добиеме оперативен блок со светски стандарди така што нашите млади доктори специјализанти кои ги праќаме на обука во странство ќе може да работат во истите услови во кои работат светските доктри. Тоа значи дека се качуваме со новите методи, апаратури и оперативни сали на ниво на светската мапа на здравствениот систем, изјави директорот на ТОАРИЛУЦ, Игор Мерџановски.

Посочи дека реконструкцијата се реализира во два дела со цел да не запре пружањето на здравствена заштита во терцијалното здравство и да нема притисок врз листите за чекање.

Министерот Алиу рече дека салите се со светски квалитет и имаат гаранција сто години на инфраструктурата во нив. Посочи дека салите се мобилни, во нив ќе може да се вгради и телемедицина, со цел да може да има и асистенција од надвор и да се овозможи учење од далечина, за да може студентите од амфитеатар да ги следат операциите, а да не бидат присутни физички во операционите сали.

– Салите се со светски стандарди. Задоволство е што нашата инфраструктура веќе се мапира на светските мапи на операциони сали, рече Алиу и појасни дека продолжуваат со реконструкција и реновирање и на преостанатите четири хируршки сали од кои три се за Клиника за дигестивна хирургија и една нова сала за Ургентниот центар која ќе биде наменета за еднодневни интервенции.

Потенцира дека продолжуваат и со новите инвестиции како Влада.

– Овој проект, кој опфаќа вкупно 10 хируршки сали, е во вкупна вредност од 282 милиони денари. Во процес сме на вработувања на 300 доктори кои ќе бидат дел од здравствениот систем, бидејќи ние како Влада цениме дека со добар квалитет и инфраструктура може да нудиме здравствен систем во реално време и со европски квалитет и ова е уште еден чекор во таа насока, додаде Алиу.