Европската Унија да се вклучи во разговорите меѓу Македонија и Бугарија, да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, а обврските ќе важат за сите, побарал денеска премиерот Христијан Мицкоски на средбата во Скопје со претседатеката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

Мицкоски на заедничката прес-конфереција во Владата нагласи дека со претседателката на ЕК отворено разговарале и за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед.

 

– Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со взаемно почитување. Исто така, на денешната средба зборувавме, и јас тоа го напоменав, дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната без простор за нови толкувања или дополнителни барања – рече Мицкоски.

Тој подвлече дека ако од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи. Целта, како што посочи, не е одложување на процесот, туку создавање услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа.

Премиерот ја потврди стратешката определба на земјата за членство во ЕУ, посочувајќи дека земјата ги исполнува своите обврски и ги спроведува сите потребни реформи во владеењето на правото, јавната администрација, деловната клима, дигитализацијата и образованието.

 

 

Тој денешната средба ја оцени како отворена, содржинска и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина.

– Присуството на претседателката во регионот и континуираната нејзина посветеност на неговата европска перспектива ги цениме високо.  Денешната средба беше отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина.  Се разбира дека разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија. Нашата определба како држава е јасна и останува непроменета. Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел – нагласи Мицкоски

Тој додаде дека истовремено веруваат и дека дошло времето овој процес да добие посилна политичка поддршка од сите европски институции.

– Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила.  Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш на време, понекогаш малку и доцниме, но сепак ги завршуваме како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија – рече Мицкоски.

На средбата било истакнато и дека Европската комисија позитивно ги оценила спроведените реформи, што овозможува понатамошно користење на средствата од Планот за раст и забрзување на економската конвергенција со Унијата.

Премиерот додаде дека нашиот европски пат не се сведува само на политичките прашања што го оптоваруваат процесот. Најголемиот дел од нашата работа, додаде тој, е токму тука, дома.

– Во институциите, во економијата и во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните.  Продолжуваме со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, подобрување на деловната клима, дигитализацијата и реформите во образованието. Реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава конкретни резултати и сакаме оваа динамика да продолжи. Европската комисија оваа година позитивно ги оцени спроведените реформи, што овозможи натамошно користење средства од Планот за раст – нагласи Мицкоски.

Премиерот додаде дека е особено важно европската интеграција граѓаните да почнат да ја чувствуваат уште пред формалното членство преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност, инвестиции и повеќе можности за младите.

-Токму затоа ја гледаме постепената интеграција како важен дел од процесот и како начин европската перспектива да стане видлива и конкретна. Планот за раст е поставен токму врз оваа логика: постепено приближување кон единствениот пазар, забрзување на реформите и економска конвергенција со Унијата. Коридорот VIII е добар пример за тоа како европската интеграција изгледа кога од политичка цел се претвора во патишта, железници, трговија и поврзаност меѓу луѓето. Нашта амбиција е јасна додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава – истакна премиерот.