Со нова градинка во општина Ѓорче Петров до помали листи на чекање за прием на деца. Премиерот Христијан Мицкоски на својата фејсбук-страница утрово информира за изградбата на градинката во населеното место Дексион во општина Ѓорче Петров.

Објектот е со површина од 900 квадратни метри и капацитет за 120 деца, проектиран според највисоки европски стандарди за безбедност, пристапност и енергетска ефикасност. Градинката ќе располага со современи занимални, голем централен хол и модерна централна кујна, целосна пристапност за лица со попреченост, како и уредени детски игралишта, зеленило и урбана опрема – пишува во објавата.

 


Се додава дека со реализацијата и пуштањето во употреба на објектот ќе се обезбедат нови места за прием на деца, ќе се намалат листите на чекање, ќе се отворат нови работни позиции и ќе се растоварат постојните капацитети во општината.

Инвестицијата изнесува 85.000.000 денари и е обезбедена од буџетот на Владата преку Министерството за социјала, демографија и млади – соопшти премиерот.