Ерупцијата траеше пет часа, а на Хаваите е прогласена портокалова тревога

Вулканот Килауеа на Хаваите повторно еруптираше, исфрлајќи лава на височина поголема од 330 метри. Геолошкиот завод на САД соопшти дека ова е 36-та епизода од тековната серија ерупции, која започна на 23 декември 2024 година.

Најновата ерупција почна во недела наутро и траела речиси пет часа. Засега активноста е ограничена во рамки на Националниот парк Хавајски вулкани, а властите издадоа портокалова тревога што значи дека ерупцијата е во тек, но без поголеми количества пепел во воздухот.

Во последната силна ерупција на 17 октомври, лавата достигна дури 450 метри височина, што според Геолошкиот завод на САД претставува највисока појава на фонтана од лава досега забележана на Килауеа.

Надлежните предупредуваат на високи концентрации на вулкански гасови кои можат да се шират до 16 километри од кратерот, како и на појава на пукнатини и лизгање на земјиштето во околината на калдерата Килауеа.