Овие луѓе ги загубија животите во своите домови и автомобили.

Во регионот што беше предупреден за потенцијално смртоносни поплави, но не се подготви за таков удар, бура уби луѓе од Мериленд до Конектикат во средата вечерта и четвртокот, јавија американски медиуми.

– Најмалку 23 лица загинаа во Њу Џерси, изјави гувернерот на таа американска сојузна држава, Фил Марфи.

Најмалку 13 луѓе загинаа во Њујорк, соопшти полицијата, од кои 11 во поплавените подрумски станови, кои честопати служат како релативно достапни станбени единици на еден од најскапите пазари за домување во САД.

Предградието на Њујорк, округот Вестчестер, соопшти за тројца загинати.

Официјални лица изјавија дека најмалку пет лица загинале во Пенсилванија.

Загинати има и во Конектикат и во Мериленд.

Националниот центар за урагани предупреди од вторникот за потенцијално „значајни и опасни по живот поплави“ и големи поплави во централен Атлантик и Нова Англија.

Сепак, гувернерката на Њујорк, Кејти Хочул и градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, рекоа дека силината на бурата ги изненадила.

– Не знаевме синоќа помеѓу 20:50 и 21:50 часот дека небото буквално ќе се отвори и ќе предизвика ниво на вода како на Нијагарините водопади на улиците во Њујорк, рече Хочул.