Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски соопшти дека автопатот Прилеп–Битола станува еден од клучните инфраструктурни проекти за развојот на Пелагонија, при што на терен се одвива засилена и интензивна градежна активност на делницата која е дел од Коридорот 10Д.
Според Николоски, со реализацијата на овој автопат значително ќе се подобри регионалната поврзаност и ќе се отворат нови можности за економски раст, зголемување на туристичкиот потенцијал и развој на бизнис-секторот во југозападниот дел на државата.
„Со овој автопат патувањето од Скопје до Атина се намалува за 3-3,5 часа. Тоа значи многу повеќе бизнис и туристи за цел регион!
Ова е најдолгата поединечна делница автопат што се гради во Македонија. Нашата цел е веќе следната година сообраќајот да се одвива по една коловозна лента.
Овој автопат ќе значи побезбеден и побрз сообраќај, подобра поврзаност, поголема конкурентност на стопанството и силен поттик за економскиот развој на Пелагонија.
Пелагонија е еден од најважните региони во Македонија и затоа инвестираме во модерна инфраструктура што ќе обезбеди подобар живот за граѓаните и нови перспективи за идните генерации.
Ја градиме Македонија“, вели Николоски.
