Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска го потпишува договорот за стратешко партнерство со Велика Британија. Тој во телефонска изјава за Радио Лидер ЕКСКЛУИВНО ги соопшти сите детали. Со него разговараше главниот уредник на Радио Лидер, Љупчо Златев.
Со колегата Гарет Томас којшто практично е министер за економија и трговија потпишуваме договор во 12:30 по локално време што е 1:30 по македонско време. Имаме историски ден за Македонија и историски ден за односите меѓу двете држави. Огромна работа која што премногу значи во политичките односи – добиваме силен сојузник. Понатаму, овој договор многу значи многу во развој на државата. Добиваме врвна експертиза и поддршка од најголемите умови и искусни луѓе од Велика Британија. Секако, многу значи и во економскиот дел имајќи предвид дека на располагање се става рамка од 5 милијарди фунти, 6 милијарди евра. Ова е нешто што Македонија никогаш во својата историја не го видела, започна Николоски во неговото телефонско вклучување.
По новинарско прашање објасни дека ќе се потпишат два договори.
Станува збор за два договори. Едниот е договор за стратешко партнерство. Тој е генерален и повеќе е политички, ќе биде потпишан од двајцата премиери за соодветно време кое ќе го договориме. Вториот договор е влада со влада кадешто поконкретно зборуваме во однос на политичката соработка, соработката во делот на размена на искуства и економската соработка. Еве да кажам еден куриозитет, ова е прв договор од овој тип, прв договор влада со влада кој Велика Британија го потпишува на европско тло влада со влада, објасни вицепремиерот.
Николоски дополни дека ние први го препознавме моментот да сакаат да развиваат добри билатерални односи особено откако се надвор од ЕУ. Како што вели тој, резултатите веќе се видливи.
Ова е само почеток и треба да го гледаме како рамка, а не како фиксни проекти. Она што е значајно е дека се работи за проектно финансирање, значи финансирање е врзано со проекти што според мене се битни. Средствата нема да бидат непродуктивни трошоци, туку ќе бидат за инвестиции кои многукратно ќе се враќаат кај граѓаните. Во моментов имаме спремни три сета на проекти, но како ќе доаѓаат нови проекти ќе разговараме со нашите пријатели од Велика Британија. Имаме на радар најмалку два други големи проекти, вели Николоски за Радио Лидер.
Николоски рече дека е можно Кир Стармер да дојде во Македонија, но засега нема фиксен термин. Вицепремиерот информираше дека засега се знае дека во тек на месец октомври ќе има нова билатерална средба меѓу двата премиери.
По новинарското прашање насочено кон изјавата на опозициските партии дека договорот е антиевропски упати критики кон партиите од опоцизијата.
Има толку многу теми на кои можеме да се конфронтираме и спротивствуваме. Мислев дека ова ќе е нешто што нема да наиде на ваков тип на критика, напротив ќе биде поддржано имајќи предвид дека проектите се за сите. Ова се проекти кои надминуваат еден мандат и една влада, затоа очекувава да дадат поддршка, но го покажаа вистинското лице. Не случајно завршија со 18 пратеници, вели Николоски за критиките од СДСМ.
Николоски рече дека има повеќе средби во Британија. Ќе разговараат за брзата пруга, потенцијални финансиери на проекти и суштински разговори за изградба на болници, студентски дом и факултетите. Николоски заклучи дека ги очекува напорен работен ден.