Победникот на Светското првенство 2026 година, покрај трофејот и златните медали, за првпат во историјата на Мундијалите ќе биде награден и со специјално изработени шампионски прстени, соопшти ФИФА.
Станува збор за ново признание кое досега не било дел од церемонијата на доделување награди на најголемото фудбалско натпреварување. Со воведувањето на прстените, ФИФА воведува традиција која веќе долго време е присутна во северноамериканските професионални спортови, особено во лигите како НБА, НФЛ и МЛБ.
Според информациите од Светската фудбалска федерација, ќе бидат произведени вкупно 2.026 шампионски прстени, бројка која симболично ја означува годината во која ќе се одржи турнирот.
Од вкупниот број, 30 прстени ќе им бидат доделени на светските шампиони – играчите и членовите на победничкиот тим. Останатите 1.996 примероци ќе бидат понудени на фудбалските навивачи ширум светот како ограничена колекција.
Новото признание нема да го замени традиционалниот пехар на Светското првенство ниту златните медали. Прстените ќе бидат дополнителен симбол на освоената титула и траен спомен за фудбалерите и стручниот штаб кои ќе го подигнат трофејот.
ФИФА оценува дека со ова се создава уште еден препознатлив симбол на успехот, кој ќе ја одбележува победата на шампионот и во иднина.
Светското првенство 2026 година веќе ќе биде историско поради тоа што за првпат ќе учествуваат 48 репрезентации, а сега ќе остане запаметено и како прв Мундијал на кој победникот ќе добие специјални шампионски прстени.
