Неверојатен скандал го одбележа фудбалскиот натпревар меѓу екипите на Ал Џазира од Обединетите Арапски Емирати и иранскиот претставник Гол Гохар во рамките на Азиската Лига на шампиони 2. Главниот судија Хана Хатаб беше заменет уште на полувремето по жестоките протести на претставниците од двата клуба, кои тврделе дека арбитерот манифестирал крајно невообичаено однесување и оти постои основано сомневање дека консумирал алкохол.
Сериозните проблеми на теренот започнале во 32. минута од средбата, кога главниот арбитер Хатаб му доделил жолт картон на чуварот на мрежата на Ал Џазира, Ерсин Дестаноглу, по прекршок што всушност го направил негов соиграч. Ваквата нелогична одлука предизвикала бурни реакции кај домашните фудбалери и стручниот штаб, поради што натпреварот бил во четириминутен прекин.
Ситуацијата дополнително ескалирала кога официјалните претставници на Гол Гохар директно се обратиле до Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ), упатувајќи јасно предупредување дека нивните фудбалери воопшто нема да се вратат на теренот во второто полувреме доколку Хатаб остане главен судија на мечот. По ваквиот остар ултиматум, надлежните донеле одлука улогата на главен делегат да ја преземе четвртиот судија, по што дуелот продолжил.
Двата клуба доставиле низа официјални забелешки за однесувањето на сирискиот арбитер, при што биле изнесени јасни сомнежи за консумација на алкохолни пијалаци. Целиот инцидент може да добие и правна разврска, откако иранскиот правен експерт Хушанг Насирзадех посочи оти постојат регулаторни основи резултатот од мечот да биде поништен. Ал Џазира на крајот стигна до победа од 1:0 со погодокот на Талиска.
