Стартува дигиталниот систем за регистрација на патници

Европската Унија од денеска го стартува дигиталниот систем за гранична контрола – Системот за влез/излез (EES), кој целосно го заменува досегашниот начин на рачна проверка и печати во пасошите за граѓаните од земји што не се дел од Шенген зоната. Новиот систем претставува дигитална платформа што го евидентира влезот и излезот на патниците, го следи нивниот дозволен престој и собира биометриски податоци.

EES ќе ги евидентира електронски времето и местото на влез и излез на патниците со краткорочен престој и ќе собира биометриски податоци – фотографија на лицето и отпечатоци од четири прста од десната рака. За децата под 12 години нема да се земаат отпечатоци. При секој следен влез, идентитетот ќе се потврдува со споредување на фотографијата во системот со онаа во патниот документ, со што ќе се забрза контролата.

Регистрацијата во EES ќе биде достапна најпрво четири часа дневно, а потоа постепено ќе се проширува на 24 часа во рок од шест месеци. Ќе има посебни EES ленти за патници од трети земји, но во периоди со зголемен метеж, системот ќе функционира на сите гранични ленти.

Процедурата вклучува скенирање на пасош, внесување на биометриски податоци и краток прашалник достапен на 15 јазици.

Можно подолго чекање и предупредувања од авиокомпаниите

Иако новиот систем треба да ја зајакне безбедноста и да го модернизира граничниот надзор, авиокомпаниите и националните власти предупредуваат на можни доцнења.

„Авиокомпаниите што опслужуваат големи центри работат со тесни распореди, па дури и неколку минути доцнење на граничните контроли може да ги нарушат врските,“ изјави Монсерат Барига од Европската асоцијација на регионални авиокомпании.

Франција, како најпосетувана туристичка земја во светот, е особено загрижена.

„Ако утре мораме да ги пропуштиме сите патници на долги релации од Кина преку EES, ќе го утроиме времето на чекање на границата,“ рекол анонимен службеник од француското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека државата ќе вработи дополнителни 230 граничари.

Постепена примена и различна подготвеност

Системот ќе се воведува постепено во наредните шест месеци, што значи дека не сите гранични премини ќе го користат веднаш. Во овој преоден период, кој ќе трае до 10 април 2026 година, патниците може да треба да поминат и низ класична пасошка контрола.

Доколку се појават технички проблеми или долги редици, ЕУ може привремено да ја суспендира имплементацијата.

Според „Индипендент“, само Естонија, Луксембург и Чешка ќе го применуваат системот целосно од денеска. Германија ќе го воведе само на аеродромот во Диселдорф, Италија во Рим и Милано еден ден подоцна, а Шпанија ќе го тестира само на еден лет до Мадрид.

Британските патници ќе бидат најпогодени, но операторите уверуваат дека „сè е подготвено, тестирано и функционално“, изјави Јан Лерише, извршен директор на Гетлинк, компанијата што управува со Евротунелот меѓу Велика Британија и Франција.