Ордановски со скандалозно ТВ интервју каде упати критики на сметка на американскиот претседател. Меѓу другото рече и дека Путин го намачкал Трамп на лепче и дека првиот човек на најмоќната држава на светот бил на страната на злото и идеолошки заљубен во рускиот претседател.
„Трамп на еден најрекетарски начин сака да се наплати за многу повеќе стотици милијарди евра. Трамп мисли дека е тоа шоу програма во која излегува, тресе глупости, лаже и дека тоа нема последици. Но, за Украина пет минути разговарале… Тој е веќе комплетно на страната на Путин, не само Трамп туку и тие под него, со реторика која многу наликува на неонацизам… Сега го имате Трамп кој би рекол е на страната на злото“, изјави Сашо Ордановски во телевизиско интервју.
Ордановски не штедеше навреди и за Илон Маск, најбогатиот човек на светот и советник на американскиот претседател.
На ваквата реторика на Ордановски реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија прашува дали Венко Филипче преку Сашо Ордановски кој бил негов неформален советник и, како што велат, сива еминенција во партијата ги напаѓа Соединетите Држави, но и дали СДСМ менува курс и тргнува по паметот на Левица?
„Дали Венко Филипче преку Сашо Орданоски ја нарече политиката на САД како неонацистичка? Се крие ли Венко Филипче зад Сашо Орданоски, и го напаѓа ли претседателот Трамп со навреди преку своите истурени играчи како Сашо Орданоски? Дали Венко Филипче во очај тргна по паметот на Левица и отвори војна со САД?“, изјави Бране Петрушевски, ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ со контра реакција. Од опозициската партија велат дека обвинувањата биле комични и дека поврзувањето на изјавите на Ордановски со нивните политики во однос на прозападниот курс на државата биле очаен обид на власта да ги сокрие сопствените неуспеси.
„Ова е уште една потврда дека освен манипулации, друга политика немаат да понудат. СДСМ е единствена партија која во континуитет ги негува прозападните вредности, која го изгради стратешкото партнерство со САД и ги реализираше евроинтегративните аспирации на земјата“ се наведува, меѓу другото, во соопштението од СДСМ.
Инаку овие изјави на Сашо Ордановски беа дадени додека македонскиот премиер е во Вашингтон каде ќе биде говорник на Конференцијата на конзервативна политичка акција на која свои обраќања ќе имаат и американскиот претседател Доналд Трамп, потретседателот Џеј Ди Венс и други значајни личности од американскиот и европскиот политички врв. Засилената меѓународна активност на Христијан Мицкоски и блиските релации на новата македонска влада со новата американска администрација, како и претставувањето на македонските позиции во најмоќните западни престолнини веројатно создава нервоза кај дел од проопозициските експерти кои до сега беа навикнати и на значителни финансиски стиумлации од УСАИД, меѓународната програма за помош која Белата куќа ја замрзна.
Извор: Алфа