Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција истакна дека над две третини од 27 тони запленета дрога потекнуваат од фирма на кадар на СДС.

„Фирмата ‘ЦБД Медплант’ во формална сопственост на Христијан Котев, а реална на неговиот татко Тони Котев, кој е поранешен претседател на ОО Ново Село на СДС и близок по бизнис со Вице Заев, испорачала 19 тони марихуана до скопската фабрика. Дополнително, утринава од струмичката фирма биле изнесени 21 тон дрога“, рече Петрушевски.

Пратеникот нагласи дека фирмата во 2020 година добила одобрение од владата на Зоран Заев и Венко Филипче за одгледување марихуана за медицински цели.

„Укажувавме дека лиценците за одгледување марихуана се добиваат исклучиво по блискоста со СДС, односно со Заев, Вице Заев и Филипче“, додаде тој.

Петрушевски побара истрага од Јавното обвинителство за можната вмешаност на функционери:

„Бараме одговори дали има вмешаност од страна на Заеви и каква е улогата на Вице Заев во овој случај“.

 

„Струмичкиот нарко картел се однесувал како во времето на Пабло Ескобар во Колумбија. Но и на тој нарко картел му дошол крајот, така ќе му дојде крајот и на овој таканаречен нарко картел во Струмичко. Вистината излегува на виделина!“, заклучи Петрушевски.