Канадската музичка ѕвезда Селин Дион се расплака за време на емотивниот концерт во Париз со кој се врати на сцената, велејќи им на обожавателите дека го одржала своето ветување повторно да пее.
Познатата 58-годишна пејачка настапи во саботата во салата „Пленитуд“, официјално започнувајќи серија настапи во француската престолнина. Ова беше и нејзин прв соло концерт по пауза од речиси шест години.
Паузата во нејзината кариера дојде откако во декември 2022 година откри дека ѝ е дијагностициран синдром на вкочанета личност (SPS), што ја принуди да ја откаже светската турнеја. Станува збор за ретко автоимуно и невролошко нарушување кое предизвикува прогресивна мускулна вкочанетост и грчеви, а за кое во моментов нема лек.
Петкратната добитничка на наградата Греми не можеше да ги скрие солзите кога се појави пред десетици илјади обожаватели, по што им се обрати со емотивен говор.
„Неверојатно е што сме сите повторно заедно. Дадов ветување – ветив дека ќе се вратам и повторно ќе застанам на сцената. Еве ме, пеам за вас и пеам за себе. Ви благодарам од дното на моето срце за вашата поддршка и трпение. Сè што сум, сум поради вашата љубов“, рече Дион ппо што доби аплауз од публиката.
Откако ја изведе првата песна на концертот, „On ne change pas“, таа рече:
„Морам да признаам дека патот беше трнлив. Патувањето траеше подолго од очекуваното, со непланирани запирања по патот. Но, јас бев истрајна. Нежен зрак светлина во далечината, длабоко во планините. Верував во тоа. И еве го. Сонцето – сонцето е тука. Сонцето е точно пред мене“, рече таа.
Нејзиниот настап траеше повеќе од два часа и дваесет минути, а на сет-листата беа сите нејзини најголеми хитови, вклучувајќи ги „The Power of Love“, „Because You Loved Me“, „Pour que tu m’aimes encore“, „All By Myself“, „I’m Alive“ и „My Heart Will Go On“.
Поради огромниот интерес на публиката, пејачката неодамна го продолжи престојот во Париз на вкупно 16 концерти, кои ќе траат до 14 октомври. Претходно, во 2021 година, Дион ги откажа настапите во Лас Вегас поради здравствени проблеми, а една година подоцна јавно ја потврди својата дијагноза.
Првиот чекор кон враќање го направи во летото 2024 година, кога накратко настапи на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз, откако повеќепати ја изрази желбата да се врати на музиката. Својот голем враќање официјално го најави на 30 март, на нејзиниот роденден, преку објава на Инстаграм и видео проекции прикажани под светлата на Ајфеловата кула.
