Ескалираше ситуацијата во Хаг по изрекувањето на пресудите за Хашим Тачи и тројцата поранешни команданти на ОВК.

Поддржувачи на обвинетите се собраа на плоштадот Маливелд, каде што протестираа против одлуката на Специјализираните совети на Косово. Снимките од местото покажуваат насилно однесување на протестантите и зголемено полициско присуство.

Според локалните и регионалните извештаи, дел од демонстрантите се судриле со полицијата, а има и приведени лица.

 


Протестите се одвиваат во близина на институциите каде што се водеше процесот против Тачи, Весели, Селими и Красниќи. Холандските власти претходно презедоа засилени безбедносни мерки токму поради најавените демонстрации.

Тензиите се зголемија веднаш по објавувањето на пресудите. Тачи беше осуден на 25 години затвор, а Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, исто така, беа прогласени за виновни и добија високи затворски казни. Судот ги прогласи четворицата за виновни за воени злосторства, вклучително за убиства, незаконско лишување од слобода, тортура и сурово постапување, додека за делот од обвинението за злосторства против човештвото беа ослободени поради недостиг на докази.