Делумен полициски час и масовни апсења во Лос Анџелес

Локалните власти во Лос Анџелес прогласија делумен полициски час во обид да се справат со растечките протести против имиграциските рации. Градоначалничката Карен Бас соопшти дека протестите се концентрирани на само пет улици во централниот дел на градот, но поради зголемените тензии и опасност од насилства, беше воведена локална вонредна состојба и полициски час кој опфаќа површина од 2,5 квадратни километри.

Полицијата веднаш започна со масовни апсења, објавувајќи:

  • „Повеќе групи продолжуваат да се собираат, иако во сила е полициски час. Поради тоа, започнати се масовни апсења“, пренесе полицискиот билтен.

Граѓаните што живеат во опфатената зона се изземени од рестрикциите.

Маринци и Национална гарда во Лос Анџелес, Њусом остро против Трамп

Според наредба од федералното ниво, во градот пристигнуваат маринци со цел да помогнат на Националната гарда во заштита на федерални згради и вработени. Според планот, ќе бидат ангажирани 700 маринци и 4.000 гардисти, од кои досега 2.100 се веќе на терен.

Калифорнискиот гувернер Гевин Њусом жестоко го критикуваше потегот на претседателот Трамп:

  • „Испраќањето на обучени војници на улиците е без преседан и ја загрозува суштината на нашата демократија. Трамп избра ескалација, тој не ги штити нашите заедници, туку ги трауматизира“, изјави Њусом.

Протестите ескалираат низ САД, и Тексас мобилизира

Протестите кои започнаа како реакција на имиграциските рации, прераснуваат во национално движење. Демонстрации се одржуваат и во Њујорк, Атланта, Чикаго, Филаделфија, Далас, Остин и Сан Франциско.

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, исто така ја активираше Националната гарда:

  • „Националната гарда на Тексас ќе биде распоредена на локации низ државата за да обезбеди мир и ред. Мирен протест е легален. Повредување на лице или имот е незаконско и ќе доведе до апсење. Гардата на Тексас ќе ги користи сите алатки и стратегии за да помогне во одржувањето на редот“, напиша Абот на Икс.

Во свој стил, Доналд Трамп остро се изрази за демонстрантите, нарекувајќи ги:

  • „животни“ и „странски непријател“, додавајќи дека „ја остава отворена можноста да се повика на Законот за бунт“.