Десет години без пораз, спектакуларни победи над најголемите борци на своето време и статус на легенда што не бледее – тоа е Федор Емелијаненко. Денес, на својот 49-ти роденден, човекот кого светот на боречките спортови го нарече „Последниот руски цар“ уште еднаш покажа зошто неговото име е симбол за непокорност.

На социјалните мрежи Федор објави видео кое стана хит: со неверојатна леснотија ја изведува вежбата „руско подигање“ и потоа, како за зачин, демонстрира гимнастички елементи на хоризонтална шипка. Борци и фанови веднаш реагираа – меѓу нив и Џон Џонс, кој искрено призна:
„Никогаш не сум можел да ја направам таа вежба.“

Федор не е само симбол на сила, туку и на посветеност. Минатата година во Белград, пред Европското првенство во самбо, тој ги издвоил своите две најголеми борби – трилогијата со Антонио Родриго Ногеира и спектаклот од 2005 година против Мирко „Кро Кап“ Филиповиќ.

„Мечот против Минотаур е дефинитивно еден од најдобрите, а другиот е со Кро Кап. Морав да се подготвам специјално за него, да го проучувам секој негов удар со нога – и на крај успеав да победам,“ се присети Федор.

Денес, кога многумина од неговите противници одамна се повлечени, Емелијаненко сè уште изгледа како гладијатор од арена. Неговата кариера можеби е завршена, но легендата за „Последниот руски цар“ продолжува да инспирира – и во салата, и надвор од неа.