Пожар ја зафати бараката на ЈП „Улици и патишта“ кој избувна синоќа околу 2 часот.

Опожарена е бараката, а уништена е документацијата на претпријатието која се наоѓала во овие простории.

Командантот на скопската протипожарна бригада, Владимир Симоновски во изјава за Курир вели дека пожарот кај нив е пријавен во 1:50 минути по полноќ.

-На терен е интервенирано со шест возила и 19 пожарникари. Пожарот е под контрола, на терен се уште има пожарникари кои работат на догаснување, вели Симоновски.

Од МВР потврдуваат дека кај нив е пријавен пожарот и наскоро ќе излезат со повеќе детали.

Во пожарот изгорени се и два паркирани автомобили, а според неофицијалните информации истиот избувнал од едно од возилата кое експлодирало.

Инаку, за неполни два месеци, ова е втор пожар во државна институција откако на 26 октомври изгореа бараките на поранешниот Суд за прекршоци во Градскиот парк.