Два дена премиерот, не е појавен во салата, носи министри од култура до економија што немаат врска со овој предлог. Го донел и првиот вицепремирер за ништо а него го нема во салата да дојде да даде одговори првиот човек на Владата, изјави пратеникот од коалицијата за „Обнова на Македонија“ Љупчо Пренџов на денешната собраниска седница.

Тој запраша кој е одговорен од вас, неспособни криминалци кои дете од мајка ќе продадете за ден повеќе во фотелјите и за тендер повеќе? Кој е одговорен што сте дале согласност за договор преговарачка рамка која што значи прво бугарзација а потоа европеизација на македонскиот народ?

Пренџов посочи дека трудејќи се да станете најдобрите комшии на соседите, станавте најголемите непријатели и предавници на сопствениот народ.

Пет години ве слушам како зборувате за добрососедство, пријателство. Какво ви е тоа пријателство кога од другата страна имате луѓе кои не ви го признаваат ниту македонскиот народ, ниту македонскиот јазик, ниту македонската историја ? Какви се тие добрососедски односи ако соседот кон тебе гледа како нешто што не постои, кое е тоа пријателство ако пријателот те множи со нула и за него не постоиш“, кажа Пренџов.

Тој запраша дали вие од Владата им кажавте во Брисел дека Уставот на оваа држава нема да се промени по бугарски ултиматум и дали им кажавте во Брисел дека ниту еден од 44 пратеници нема да може да купите, уцените и било што друго?

Дали им кажавте во Брисел дека 3/4 од македонскиот народ е против овој предлог? Дали им кажавте дека 3/4 од Македонците не можат и не сакаат да поднесат нови вреѓања на човекот достоинство, гордост и право на самоопределување? Им кажавте ли дека граѓаните не ве чувствуваат како водство како Влада туку ве гледаат како обични криминалци кои 6та година ги лажете, крадете и ги манипулирате“, рече Пренџов.

Пренџов за жал констатира дека историјата се повторува, сите векови наназад Македонците се бореле за своите правдини додека група како вас од „Илиндеска“ ги предавале за лични интереси. Порано биле златници, денес се тендери, моќ, фотелји и влијание.

Македонија и Македонците нема да дозволиме да бидат дрво без корен, нема да дозволиме да бидеме паричка за поткусурување помеѓу византиските балкански игри. Нема да дозволиме Софија да ни ги пишува учебниците, да ги присвои нашите национални херои и нема да дозволиме македонскиот јазик да биде ничив дијалект“, дециден е Пренџов.