Обвинителството го проширува кругот на одговорни
Истрагата за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани е проширена со уште едно лице. Приведен е Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ. Обвинителството за организиран криминал и корупција денеска соопшти дека е осомничен и сопственикот на агенцијата што го обезбедувала клубот. Тој се сомничи за тешки дела против општата сигурност, заедно со управителот и овластеното лице на подружницата во Кочани, кои веќе се во фокусот на истрагата.
Радио Лидер со ексклизвни информации – пронајдени со документи дека Александар Нацев бил скриен сопственик на агенцијата за обезбедување. Агенцијата пуштила повеќе луѓе од максималниот капацитет, а меѓу нив и малолетници. Погледнете го видеото.
Прочитајте ги сите детали од веста во продолжение.
(ФОТО) Проширена истрагата за трагедијата во Кочани: Приведен е Александар Нацев од ВМРО-ДПМНЕ
Обезбедување без договор и без план за заштита
„Во текот на 2025 година, објектот бил обезбедуван без склучен договор помеѓу агенцијата и сопственикот на клубот, а притоа не била изготвена безбедносна проценка ниту план за обезбедување“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Дополнително, од таму посочуваат дека:
„Обвинетите не направиле проверка на условите за противпожарна заштита и не процениле ризици по безбедноста на имот и лица. Ноќта на пожарот дозволиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетост на просторот и не го спречиле внесувањето и употребата на пиротехнички средства од страна на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот“.
Претреси, приведување и нови докази
Со судска наредба биле извршени претреси на две локации – една во Скопје и една во Пробиштип, како и во возилото на осомничениот. Притоа, одземена е обемна документација и електронски уреди поврзани со правното лице, а осомничениот е приведен. Обвинителот поднесе барање за притвор до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кочани.
Голем број осомничени: Министри, директори, полицајци
Во пожарот што се случи во дискотеката „Пулс“ загинаа 62 лица, а околу 200 беа повредени. За тешки дела против општата сигурност, обвинителството веќе отвори истрага против 46 лица, меѓу кои има поранешни и актуелни министри, директори на Пазарниот инспекторат, поранешни градоначалници на Кочани и 14 полициски службеници.