Војводата од Сасекс го снимија новинарите на таблоидот Сан додека се симнуваше од летот од Лос Анџелес во 1.15 часот по лондонско време.
Принцот Хари на аеродромската писта беше пречекан од припадници на кралското обезбедување и полицијата. Тој го напушти аеродромот во „ренџ ровер“ со придружба.
Медиумите претпоставуваат дека принцот Хари до погребот ќе престојува во Нотингем котиџ на Кенсингтонската палата, каде што живееше со Меган Маркл во почетокот на бракот.
Неговата сопруга, која е во третото тримесечје од бременоста, останува во Лос Анџелес „по совет на лекар“.
Според законот, принцот Хари треба да помине десет дена во карантин, но ќе му биде дозволено да присуствува на погребот ако неговиот тест за коронавирусот биде негативен по пет дена.
Војводата од Сасекс дојде за погребот откако разговарал со својот татко, принцот Чарлс.
Престолонаследникот соопшти дека „се радува“ што ќе го види својот син.
Медиумите шпекулираат дека семејството Виндзор ќе го искористи времето до погребот за да ги залечи раните предизвикани од неодамнешното крајно контроверзно интервју на принцот Хари и Меган Маркл со Опра Винфри.
Интервјуто го спушти младиот принц од позицијата трет најпопуларен член на кралското семејство на позицијата трет најнепопуларен.
Сепак, според протоколот, за време на двете недели жалост во кралското семејство, единствена тема на разговор би можеле да бидат нивните спомени за принцот Филип.
Објавено е и дека кралицата Елизабета Втора била со својот сопруг во последните моменти од неговиот живот, како и дека војводата од Единбург починал „уживајќи во сонцето“.