Попладнево е приведен Андреј Куцуловски, претседател на младинското движење „Црвена младина“ на политичката партија Левица. Тој бил приведен за време на ракометен натпревар на кадетите меѓу Македонија и Израел во спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје, откако истакнал палестинско знаме. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека лицето е приведено поради сторен прекршок.

Информацијата за приведувањето ја објавија од Левица преку Фејсбук, каде наведуваат дека Куцуловски бил оттурнат од полициски службеници и со лисици однесен во полициска станица, без да му биде образложена причината.

„Андреј Куцуловски е приведен поради мирно и достоинствено истакнување на знамето на Палестина и тоа како да станува збор за високоризичен криминалец! Без никакво образложение, без наведување основ за лишување од слобода, без посочување кривично дело или прекршок, тој беше грубо оттурнат и со лисици однесен во полициска станица. Во целиот чин ниту еден од полициските службеници не се легитимираше“,

пишуваат од партијата за случајот.

Од Левица оценуваат дека при интервенцијата е употребена сила и најавуваат дека ќе ги искористат сите правни и институционални механизми за расчистување на случајот.

„И додека на ДПМНЕ и на министерот Панче Тошковски им ‘се провлекуваат‘ и им бегаат вистински криминалци, полицијата под негова надлежност ревносно демонстрира сила врз млади луѓе кои не направиле ништо освен што изразиле човечност. ДПМНЕ денес се апси за знаме, утре ќе се апси за мисла!“,

се вели во реакцијата од Левица.

Од МВР соопштија дека настанот се случил за време на финален натпревар од Светското училишно првенство во ракомет меѓу Македонија и Израел во салата „Јане Сандански“, кога А.К. (28) истакнал знаме на Палестина по што бил спроведен во полициска станица.

„Лицето е приведено во Полициска станица за сторен прекршок по чл. 3 од Законот за спречување насилство и недостојно однесување на спортски натпревари“,

се наведува во полициското соопштение.