Полицијата приведе уште две лица кои, според нив, биле учесници во инцидентот пред Собранието, кога за време на протестот против францускиот предлог со камења и молотови коктели беше фрлано кон собраниската зграда.
Од страна на Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје, по преземени мерки и активности, лишени се од слобода Д.Ј.(32) и С.Ј.(18) од Скопје и во соработка со ОЈО Скопје против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“ по член 385 од Кривичниот законик.
Тие се сомничат дека на 05.07.2022 околу 21.00 часот, за време на одржување на ненајавен јавен сoбир организиран преку социјални мрежи, започнале да фрлаат со камења и разни други предмети спрема полициските службеници и зградата на Собранието. Против нив се обезбедени сите докази, по што се изнесени пред Судија на претходна постапка.
СВР Скопје продолжува со преземање мерки и активности за идентификување на сторители на кривични дела за време на протестите и обезбедување на докази против нив, по што заедно со кривичните пријави против нив, ќе бидат приведени и изнесени пред надлежен Јавен обвинител и пред Судија на претходна постапка – велат од МВР.