Утрово сообраќајот се нормализира, но протестниот дух останува жив
По цела ноќ на блокади, демонстрации и судири со полицијата, Белград утринава (30 јуни) почна да се враќа во нормала. Министерството за внатрешни работи на Србија информираше дека сите блокади, вклучувајќи и многуте контејнери се отстранети и сообраќајот низ главниот град може да се одвива непречено.
Сепак, протестниот дух не стивнува. Студентите што се дел од движењето „Студентска блокада“ продолжуваат со активизам, отпор и апели до граѓаните за поддршка. На социјалните мрежи, утрово во 3:44 часот, тие повикаа сите насобрани да се повлечат мирно доколку пристигне специјална полиција, но и да се вратат кога ќе замине.
Повик за граѓанска непослушност и поддршка
Студентите од Факултетот за организациски науки (ФОН) го засилија повикот кон граѓаните да се приклучат на акциите, да се распределат по смени, да донесат вода, храна и да не се плашат. Нивната порака беше јасна:
„Блокадите мора да траат за да имаат ефект. Поделете се на смени, земете слободен ден или боледување. Кога не можете да бидете таму, донесете вода и храна на насобраните. Ако дојде полицијата, повлечете се без многу врева. Кога ќе си заминат, повторно блокирајте. Ние сме побројни“, изјавија студентите од блокадата на ФОН на мрежата Х.
Погледнете го видеото:
🚫 Gazela i Savska 🚫 pic.twitter.com/QRQO2OHphS
— Peđa Mitrović (@PedaMitrovic) June 29, 2025
„Не плашете се затоа што сме заедно на улиците и тие не можат ништо да ни направат. На студентите им требате сега повеќе од кога било. Ние сме тука до крај. На тиранијата мора да и се застане на патот“, додаваат тие.
Во знак на поддршка, партијата „Еколошко востание“ најави бојкот на работата на српскиот Парламент, а студентите ги повикаа сите опозициски партии да го следат нивниот пример.
Протестите се шират, барањата остануваат
На веб-страницата на „Студентска блокада“ објавен е список од речиси 30 локации во Белград каде што синоќа имало блокади, како и 22 други градови низ Србија каде граѓаните се приклучиле на протестите.
Барањата на демонстрантите се јасни:
Распишување на вонредни парламентарни избори
Отстранување на студентскиот камп поставен во март
Ослободување на сите уапсени по протестот на 28 јуни
Овие барања беа поставени со рок до 21 часот на 28 јуни, но како што изјави претседателот Александар Вучиќ на 27 јуни:
„Ултиматумот не е прифатен“
Тоа доведе до судири меѓу демонстрантите и полицијата во центарот на Белград. Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, потврди дека биле приведени 77 лица, од кои 38 се задржани.