Русија започна масовен напад со балистички ракети и беспилотни летала врз Украина во текот на ноќта, при што загинаа најмалку 15 лица, а 51 беа повредени во главниот град и поширокиот регион на Киев.

Локалните власти објавија пожари во Киев и неговите предградија.

„Киев Индепендент“ објави дека избувнал пожар во 20-катна станбена зграда во населбата Оболонски која била погодена од ракета, додека друга станбена зграда се запалила, а се објави дека два магацини се во пламен.

„Магацин се запалил во населбата Десњански, а остатоците од ракета паднале во близина на станбена зграда“, изјави Витали Кличко, градоначалник на Киев.

Властите во украинскиот главен град, исто така, објавија голем пожар во населбата Киев-Свјатошински, каде што беа испратени и служби за итни случаи.

Нападот започна кратко по полноќ

Новинарите на „Киев Индепендент“ на терен првпат слушнаа гласни експлозии околу 20 минути по полноќ по локално време и објавија дека повеќе балистички ракети го погодиле градот.

Експлозиите продолжија да го потресуваат главниот град во следниот час.

Тимур Ткаченко, шефот на воената администрација на украинскиот главен град, изјави дека „непријателот повторно започнува масовен напад врз регионот Киев“.

Би-Би-Си објави дека воздушните напади биле во тек повеќе од еден час, додека бранови балистички ракети го погодувале градот и неговата околина.

Ткаченко изјави дека девет лица се убиени во областа Бориспиљ, четири во областа Буча и едно во областа Фастив.

Градоначалникот на Киев, Кличко, изјави дека постојат стравувања дека луѓе се заробени под урнатините по нападот врз центарот на градот.

Тој на Телеграм изјави дека четворица од ранетите се во сериозна состојба.

– Непријателот повторно намерно напаѓа цивили и цивилна инфраструктура – соопшти воената администрација во Киев.

Русите тврдат дека целта им биле логистичките центри

Руското Министерство за одбрана соопшти дека биле погодени логистичките центри и објектите за снабдување во Киев и околниот регион.

– Овие центри биле вклучени во складирање, испорака на разни оружја и воена опрема, како и во производство и дистрибуција на беспилотни летала – соопшти Москва.

Исто така, се вели дека три товарни бродови „кои превезувале оружје и воена опрема“ биле погодени во близина на црноморското пристаниште Одеса.

Воздушните напади врз Киев во текот на ноќта дојдоа откако Метју Витакер, американскиот амбасадор во НАТО, изјави дека долгорочниот договор за производство со САД, кој ќе ѝ овозможи на Украина да произведува сопствени пресретнувачки ракети „Патриот“ под лиценца, нема да биде готов до оваа зима.

Системот за воздушна одбрана „Патриот“, развиен од американски одбранбени компании, е еден од ретките системи за воздушна одбрана во светот способен за соборување балистички ракети.