Четири лица загинаа во пад на мал спортски авион што денеска претпладне се урна во подрачјето на Цампанож, на административната граница меѓу Пула и општина Медулин, соопшти истарската полиција.

Несреќата се случила во близина на спортскиот аеродром во Медулин

Дојавата за авионската несреќа била примена во 11:18 часот, по што на терен веднаш биле испратени три екипи на брза помош, противпожарни единици и полиција, а била ангажирана и хеликоптерска итна медицинска служба. Директорката на заводот за итна медицинска помош, Татјана Чемерикиќ, потврди дека на местото на настанот е констатирана смрт кај четири лица. Според првичните и неофицијални информации што ги пренесува „Индекс“, сите загинати се странски државјани.

Авионот полетал од Германија, летот не бил најавен во Хрватска

Како што објавуваат хрватските медиуми, авионот полетал од Германија, а летот не бил најавен во Хрватска. Од силината на ударот во земјата, леталото се преполовило. Несреќата се случила во ненаселено подрачје, во близина на спортскиот аеродром во Медулин, каде што авионот требало да слета.

Искусен пилот сведочи за последните моменти пред падот

Нијаз Делиќ, искусен пилот кој го користи медулинскиот аеродром, за хрватските медиуми изјави дека зад управувачот на паднатиот авион бил, исто така, многу искусен пилот, но дека причините за трагедијата засега остануваат непознати.

„Не знам како дојде до несреќата. Од мене непознати причини, пилотот кој требаше да слета во Медулин, над одлагалиштето за отпад Каштијун направи спирала во воздухот и директно се заби во земјата. Тоа е единствената информација со која располагаме засега“, изјави Делиќ.

Полицискиот службеник за односи со јавноста, Ален Пачиќ, потврди дека сите надлежни служби ги преземаат неопходните мерки од своја надлежност. Истрагата на терен треба да ги утврди точните технички или човечки причини што довеле до падот на леталото.