На меѓународниот аеродром „Крал Халид“ во Ријад денеска одекнала силна експлозија. Засега нема официјални информации од саудиските власти за инцидентот, додека ракетните напади на јеменската група Хути врз Саудиска Арабија се интензивираат.

Аеродромот ги упати патниците пред доаѓањето да се информираат директно кај авиокомпаниите за состојбата со летовите. „Етихад ервејз“ и „Катар ервејз“ откажале повеќе летови до Ријад, вклучително и дел од летовите планирани за понеделник.

За претходните напади врз аеродромот оваа недела се пријавени четири загинати и повеќе повредени. Оштетен бил и авион на „Саудија“. По тие напади, повеќе авиокомпании ги одложиле или откажале своите летови до саудиската престолнина.

Авиосообраќајот е нарушен непосредно пред Ријад да биде домаќин на големи конференции за енергетика и инвестиции. Саудиската владина медиумска служба и Управата за цивилно воздухопловство досега не дале коментар за денешната експлозија.