Во Турција на децата помлади од 15 години од 1 ноември со закон целосно ќе им биде забрането користењето на социјалните мрежи, со цел да се заштити нивната безбедност и здравје.
Законот беше официјално објавен денеска, иако турскиот Парламент го изгласа уште во текот на месец април. Со новите регулативи се поставуваат строги обврски за сите интернет компании што нудат вакви услуги на дигиталниот пазар.
Социјалните мрежи, согласно новите законски одредби, ќе бидат принудени да преземат строги технички и административни механизми за верификација на корисниците. Според членот 7 од законот, системот за контрола на возраста ќе функционира исклучиво со помош на дигитални „токени“ што ги издава државата, што оневозможува заобиколување на правилата.
За малолетниците постари од 15 години законот прецизно наведува дека платформите во никој случај не смеат да нудат алгоритамски и интерактивни услуги кои можат да создадат зависност или нарушувања во развојот.
Турција со оваа одлука станува дел од глобалниот бран на држави, меѓу кои се Австралија и Индонезија, кои воведуваат или подготвуваат строги возрасни граници за пристап до онлајн комуникацијата. Слични правни мерки веќе се спроведуваат во Австрија, Данска, Франција, Грција и Шпанија, а воведување се најавува во Велика Британија и Канада. Дополнително, Европската Унија веќе претстави предлог-регулатива за ограничување на пристапот на децата до социјалните платформи и мрежите за размена на видеа сè додека не наполнат 15 години.
