Силно невреме попладнево го зафати Загреб, а дел од медиумите веќе пренесуваат дека има и жртви. Повикувајќи се на изјава од Итната медицинска помош, Н1 објави дека се починати двајца мажи, а повеќе лица се повредени.
„Имаме двајца мажи кои загинаа како последица од паѓање на дрвја. Имаа повеќе повреди на главата“ изјавила Љупка Хитрова од Наставниот институт за итна медицинска помош.
Поради невремето што околу 16 часот го зафати Загреб, Итната помош примила над 700 повици, меѓу кои и неколку пријави за повредени лица, а само пожарникарите имале 50 интервенции.
Невремето траело околу 20 минути, а од дождот и силниот ветер се откорнати повеќе стебла, кровови, паднати се рекламни паноа и билборди. Граѓаните пријавиле оштетени автомобили, повеќе поплавени домови, мостови и улици.