Силно невреме денеска го зафати Загреб, каде ветрот корнеше дрвја, носеше покриви, а обилниот дожд ги поплави улиците. Според првичните информации, досега има три жртви и десетици повредени од ова страшно невреме.

Твитер профилот на Index.hr објави видео во кое се гледаат страшните сцени од невремето.

„Сите линии на Итната помош се зафатени. Ве повикуваме да се јавите само во случај на екстремна вонредна состојба и животна опасност“, објави загребската противпожарна служба на својата страница „Фејсбук“.

Црни облаци се надвиснаа над градот, силните ветрови носеа дури и покриви и корнеа дрвја. Метеоролозите за денеска најавија локално пообилни врнежи со грмежи, засилен ветер, а можна е и појава на град.

Силното невреме во Хрватска пристигна од Словенија, каде Агенцијата за животна средина прво издаде црвено предупредување само за западните и централните региони, а потоа и за цела Словенија.

Причина за честото невреме летово е невообичаено силниот ветер кој вообичаено во лето е многу послаб. Во исто време, силните ветрови се преклопуваат со голема атмосферска нестабилност, што доведува до создавање на посилни и подолготрајни бури, пренесуваат хрватските медиуми.