Сирени и повеќе од десетина експлозии беа регистрирани вечерва во Тел Авив, јави Си-Ен-Ен кои имаат свои дописници во градот. Не е јасно дали силните експлозии биле пресретнување на израелските противракетни системи или звук од ракети од милитантите на Хамас што погодиле цели во градот.

Борбите меѓу Хамас и израелските сили продолжија и во вечерните часови, соопшти израелската армија, по големиот напад на палестинската екстремистичка организација од Појасот Газа, што предизвика одмазднички напади на Израел, јави ДПА.

„Се бориме на 22 места“, рече воениот портпарол Даниел Хагари. „Нема место во јужен Израел каде што немаме сили“, додаде тој. „Има села што се исчистени од терористи, но сакаме да завршиме дополнително истражување на областа пред да го објавиме тоа“, додаде Хагари.

Тој исто така рече дека имало „заложнички ситуации“ во местата Офаким и Беери. „Таму има специјални сили со високи команданти и се уште има престрелки. Ние сме во војна“, додаде тој.

Има блокади на патиштата во сите области.

 

Хагари предупреди дека се шират многу лажни вести за борбите.

Во меѓувреме, израелски воздушен напад срамни висококатница во центарот на Газа. Во 14-катницата живееле десетици семејства. Но, во објектот имало и канцеларии поврзани со групите Хамас и Исламски џихад. Израел ги предупреди жителите 10 минути пред да ја урне зградата, која беше евакуирана. Немаше повредени.

Абу Обеида, портпарол на военото крило на Хамас, вети остар одговор. „Тел Авив мора да застане на една нога и да го чека нашиот шокантен одговор“, рече тој.

Лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, Исмаил Ханија им порача на арапските земји дека Израел не може да им обезбеди никаква заштита. Во денешниот говор Ханија рече и дека палестинските вооружени фракции имаат намера да ги прошират тековните борби во Газа и да ги прошират на Западниот Брег и Ерусалим. „Битката се пресели во срцето на „ционистичкиот естаблишмент“, изјави тој.

Палестинската министерка за здравство Мај Ал-Кајла денеска прогласи вонредна состојба во сите палестински болници. Таа издала наредба до Министерството да ги снабдуваат болниците со потребните медицински материјали, лекови и крвни единици, пишува арапскиот весник „Ал Хајат“. Министерката истакна дека „сите болници на Западниот Брег се подготвени да ги примат ранетите од Појасот Газа.

Палестинското Министерство за надворешни работи и иселеници денеска соопшти дека прекинот на израелската окупација на палестинските територии е единствената гаранција за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот.