Полицијата го уапсила осомничениот за нападот и ги истражува неговите мотиви. Судијата Мохамад Шахрирари рече дека мотивите на напаѓачот биле лични
Еден чувар е убиен, а две лица се повредени во пукање во амбасадата на Азербејџан во Иран, соопшти полицијата. Азербејџан го опиша инцидентот како тероризам.
Напаѓачот се пробил низ стражата и со калашников го убил шефот на обезбедувањето, соопшти азербејџанското Министерство за надворешни работи. Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи Насер Канани остро го осуди нападот додавајќи дека инцидентот се истражува.
Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев изјави дека нападот е тероризам и побара сторителот брзо да се казни. Министерството за надворешни работи на Азербејџан најави дека наскоро ќе го евакуира персоналот на Амбасадата поради инцидентот. Изјавите на иранските власти не укажуваат на тоа дека нападот бил политички мотивиран.
Азербејџан овој месец го назначи својот прв амбасадор во Израел, во услови на зголемени тензии со Иран. Израел има амбасада во Баку од раните 1990-ти и му даде силна воена поддршка на Азербејџан во последниве години, вклучително и во спорот за Нагорно-Карабах.