Владиката Агатангел упати апел до оние кои постојано ја напаѓаат Македонската православна црква – Охридска архиепископија да престанат со своите злодејанија со кои самите се понижуваат. Тој во телевизиско гостување реагираше на јавните критики и наводите за неединство во црковните редови.

„И затоа некои, не само господинот Фрчковски, има и други луѓе од вашата бранша кои постојано напаѓаат, постојано нè понижуваат и притоа самите себе се понижуваат, јас мислам дека тие луѓе немаат сон, не се спокојни, совеста постојано им е нечиста и ги молам да престанат, да престанат да го тероризираат народот“, побара владиката Агатангел во интервјуто со Цветановски.

Митрополитот повардарски изјави дека е жалосно што вакви напади доаѓаат од луѓе кои според него немаат контакт со верата и духовниот живот на заедницата.

„Навистина е жалосно што ова доаѓа од човек за кој не знам и дали влегол во црква, дали знае да се прекрсти, човек кој нудеше пари за да се промени името, човек кој цел живот манипулира со македонскиот народ, секоја чест на неговата интелигенција и за неговата професија, но со разумот не можеш да сакаш. Се сака само со срцето. Прво го сакаме Христа со срцето, па потоа размислуваме со разумот, и созерцаваме со разумот. Да ја љубиш Македонија, не можеш со разум да ја љубиш, мора со срце да ја љубиш. И сите ние кои опстануваме на овие македонски простори, и ние од црквата и верниот македонски народ, оваа наша света македонска земја, опстануваме од љубов кон Бога, кон црквата и кон нашата самобитност, кон нашата нација. Ние сме народ Македонски, оваа македонска земја нема педа, нема камен каде не е пролеана македонската крв. Нашите предци, нашите илинденци, нашите востаници, нашите партизани оставиле сè, мајка, татко, ги оставиле жената и децата, ја земаа пушката и појдоа да се борат за слобода. Од таа слобода произлезе и обновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Ние опстојавме 60 години и еве даде Бог, некој нè признава некој не нè признава, на тие што нè признаваат им благодариме и се молиме за нив, а се молиме и за оние што не нè признаваат“, посочи митрополитот од МПЦ-ОА.

Запрашан кои се поривите за ваквото дејствување кон црквата и народот, тој нагласи дека причините се од материјална природа.

„Го прават тоа затоа што имаат некој финансиски интерес, зошто поинаку некој би го правеле тоа, да се понижува себеси, таткото, мајката, бабата, дедото и предците негови и да бара нешто што не е возможно“, објаснува владиката Агатангел.

Владиката порача дека таквите обиди се залудни бидејќи станува збор за библиска земја и боголик народ од кој започнала христијанизацијата на Европа, посочувајќи го пирејот како симбол за македонската нација. Тој додаде дека Македонија денес се наоѓа во сигурни раце и изрази целосна доверба во актуелната влада за која истакна дека на секое поле работи за консолидација на државата и заштита на националните интереси.