Новото издание на емисијата „НАТКАСТ“ со новинарот Љупчо Цветановски отвора серија актуелни геополитички и регионални прашања. Главен соговорник во студиото е универзитетскиот професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Васко Наумовски.
Во фокусот на разговорот се политичките процеси во соседството, меѓу кои и неодамнешните изборни случувања во Србија, каде што во еден изборен ден дојде до истовремена промена и во редовите на власта и кај опозициските сили. Паралелно се анализира и феноменот на исклучително ниската излезност на гласачите во Бугарија, која се совпадна со периодот во кој српските граѓани рушеа рекорди според бројот на излезеност на гласачките места.
Централна тема на интервјуто е и забележливиот подем на суверенизмот на европскиот континент и рефлексиите од овој политички тренд врз евроинтеграцискиот пат на Македонија, процес кој со години се движи на релацијата Брисел–Софија. Наумовски ќе понуди стручна анализа и за растечкото незадоволство меѓу младата популација во европските земји, како и за можните дипломатски решенија за конфликтите во Украина и тензиите поврзани со Иран.
