Стојанче Ангелов, директорот на Центарот за управување со кризи, објави видео како брка мечка во селото Ќировница, каде што локалните жители се под постојан страв во последно време од наездата на овие животни.

„Вечерва низ тесните улички на с. Жировница…Проблемите и опасностите секогаш изгледаат поедноставно кога се гледаат од безбедна далечина на ТВ, лаптоп или мобилен телефон“, напиша Ангелов кој при тоа веќе информираше за владината одлука да не се намалува бројноста на кафеавата мечка, туку да се дислоцира во ненаселени места.

По поплаките на жителите од Општина Маврово-Ростуше дека од мечките кои се симнуваат во селата и влегуваат во нивните дворови им е загрозена безбедноста, Владата вчера го разгледала барањето за прогласување кризна состојба и за преземање на итни мерки и одлучи во најкраток временски период да бидат отстранети сите помали и поголеми ѓубришта коишто се во непосредна близина на населените места или во самите населени места, коишто претставуваат извор на привлекување на мечката, а од локалната самоуправа се бара да ги ислисти дивите депонии.

Освен тоа, ќе се обезбедат местата каде се чува храна, ќе се организира поставување на хранилишта за мечките надвор од населените места, а во низата мерки се предвидува успивање, а не убивање на мечките.