Романски пилот и грчки навигатор загинаа при судир на два противпожарни хеликоптера „Бел“ за време на гаснењето на големиот шумски пожар кај Псата, западно од Атина. Другите двајца членови на екипажите биле спасени.

Пилотите на двата хеликоптера биле романски државјани, додека навигаторите биле Грци. Според првичните информации, леталата се судриле додека летале на мала височина.

По судирот, едниот хеликоптер се урнал, додека другиот успеал да го исфрли товарот со вода и безбедно да слета. На видеоснимка од несреќата се гледа моментот на судирот на двете летала.

Пожарот кај Псата е меѓу најголемите што ја зафатија Грција во последните денови. Огнот уништил повеќе од 100 куќи, а силниот ветер дополнително го отежнува гаснењето и ги принудил властите да наредат евакуација на повеќе населени места.