Несреќата се случила на автопатот „Струма” на 37 километри оддалеченост од Софија.
Списокот на патници од автобусот е испратен за Скопје и е започнат процесот на идентификација на жртвите во автобуската несреќа што се случи ноќеска на автопатот „Струма” во Бугарија, изјави директорот на бугарската Национална истражна служба Борислав Сарафов, на заедничката прес-конференција со јавниот обвинител на Македонија, Љубомир Јовески.
„Одржавме заеднички работен состанок за разјаснување на сите линии на меѓународната правна соработка – добивање на сите потребни документи од македонска страна и добивање биолошки материјал за идентификација на жртвите”, рече Сарафов.
Според него, сите потребни документи обвинителството ќе ги испрати до институциите во Скопје.
Јавниот обвинител Јовески, изрази сочувство до роднините на загинатите и се заблагодари на колегите од бугарското обвинителство за заедничката работа.
„Се работи за голема таргедија. Загинаа 12 деца. Заедно со колегите од Бугарија се договоривме за натамошната работа, разјаснување на поединостите во трагедијата”, рече Јовески.
Шефицата на Основното јавно обвинителство за гоење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОК) Вилма Рускоска, објасни дека компанијата „Беса транс” функционира 20 години и досега немала сообраќајни незгоди, но дека мора да се провери соодветната документација за техничката состојба на автобусите. Според првичните информации, автобусот бил нов, и во функција е само три години.
Во моментов, според обвинителите, нема да се води дополнителна предистражна постапка кај нас и таа само ќе биде на територијата на Бугарија.