Американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк изјави дека поддржува соборување на руски авиони од страна на земјите членки на НАТО, поради повторените нарушувања на воздушниот простор на Алијансата.

„Да, мислам дека треба“, рече Трамп кога беше директно запрашан за одлуката на европските сојузници да дејствуваат во вакви случаи.

Сепак, подоцна избегна да појасни дали САД би се вклучиле во такви операции:

„Зависи од околностите. Но, знаете, ние сме многу строги кога станува збор за НАТО“, додаде американскиот претседател, пренесе Си-Ен-Ен.

Членките на НАТО се во состојба на зголемена готовност во последните недели. Причината е серијата нарушувања на воздушниот простор од страна на руски беспилотни летала и борбени авиони.

Во петокот три руски МиГ-31 влегоа во естонскиот воздушен простор над Финскиот Залив без дозвола. Инцидентот се случи само една недела по нарушувањата на полскиот воздушен простор, кога неколку руски беспилотни летала и авиони предизвикаа итно полетување на американските борбени Ф-15 и Ф-35.

Европските сојузници во понеделникот јасно предупредија дека ќе соборат руски авиони или дронови доколку продолжат ваквите нарушувања. Оваа позиција беше повторена и за време на бурната вонредна седница на Советот за безбедност на Обединетите нации.