Инцидентот на натпреварот „Шкупи“ – „Брегалница“ заврши со повредени млади фудбалери
Министерството за внатрешни работи информира дека 43-годишен родител е уапсен по инцидентот што се случи на натпреварот од младинските категории меѓу екипите на ФК „Брегалница“ од Штип и ФК „Шкупи“ од Скопје на стадионот „Бело Брдо“. Во нападот беа повредени двајца фудбалери на возраст од 15 години од домашната екипа.
– Денеска (24.08.2025) во СВР Штип било пријавено дека на игралиштето „Бело Брдо“ во Штип, за време на одигрување на младински натпревар, А.А.(43) од Скопје, родител на фудбалер од ФК „Шкупи“, физички нападнал двајца малолетници од Штип и им нанел повреди. Веднаш по нападот, полициски службеници од СВР Штип го лишиле од слобода А.А., а повредените млади фудбалери биле пренесени во Клиничката болница Штип за укажување помош, се вели во соопштението на МВР.
Според извештаите, инцидентот се случил во последната минута од натпреварот, по еден прекршок меѓу младите фудбалери. Родителот физички нападнал, а потоа на теренот влета и домашната публика, предизвикувајќи општа тепачка. Двајцата фудбалери претрпеле тешки повреди, а полицијата по интервенцијата го приведе главниот напаѓач и против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Инцидентот се случи при водство на Брегалница со 2:1.
Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот. Домашната управа апелира до Фудбалската федерација на Македонија да воведе казни за ваквите влетувања на луѓето на теренот, како и до гостинската публика да преземе мерки за да не се даваат лоши примери на младите спортисти.