Американскиот претседател Доналд Трамп влезе во вербална расправија со новинарката на Си-ен-ен, Кејтлин Колинс, откако таа постави прашања поврзани со случајот Џефри Епстин. Размената се случи додека Трамп разговараше со новинари во Овалната соба.

Колинс посочи дека претседателот ги претставува најновите откритија од објавените документи како товар за демократите, додека, според неа, во досиејата се споменуваат и врски на Епстин со Илон Маск и министерот за трговија Хауард Лутник. Таа праша и за односот на Министерството за правда кон жртвите.

„Сигурен сум дека е во ред, инаку би имало големи наслови“, рече Трамп, по што новинарката додаде дека „многу жени кои се жртви на Епстин се незадоволни од начинот на кој Министерството за правда ги обработувало документите“.

Трамп возврати дека „е време земјата да продолжи со нешто друго“, а кога Колинс продолжи со прашања, тој ја нарече „најлоша новинарка“ и ја обвини медиумската куќа дека е „нечесна организација“.

Колинс одговори дека поставува прашања во име на преживеаните од злоупотребите, по што расправијата продолжи во повишен тон.