Џудо тренинг сесиите за специјалците се дел од нова програма за физичка подготвеност на полициските сили

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на џудо тренинг сесии на полициските специјалци, кои ги води инструктор од Интернационалната џудо федерација, специјализиран за обука на полициски и армиски специјални единици.

Овие џудо тренинг сесии се резултат на соработката што произлегува од неодамна потпишаните меморандуми. Првиот е помеѓу Министерството за внатрешни работи и Министерството за спорт, а вториот е меѓу Националната џудо федерација и Европската џудо федерација. Тие беа потпишани на Европското првенство во џудо за кадети што се одржа во Скопје минатиот месец.

Вложуваме во нашите луѓе – во нивната обука, знаење и подготвеност. Градиме силна, професионална и подготвена полиција, способна да одговори на современите безбедносни предизвици и ефикасно да се справува со криминалот. Затоа, особено внимание посветуваме на континуираната физичка подготвеност, посебно на специјалните единици. Овие тренинг сесии со врвен џудо тренер се со директен ангажман на претседателот на Европската џудо федерација Ласло Тот. Неодамна, преку Министерството за спорт и Европската џудо федерација, ја опремивме салата со специјализирани душеци – татами, и кимона за полициските службеници. Планираме и за во иднина сеопфатни програми за физичка обука на полициските службеници“, изјави министерот Панче Тошковски.