Околу судот и во самата зграда се преземени дополнителни мерки за безбедност, кои вклучуваат припадници на безбедносните агенции, тајните служби и полицијата, пренесува Ројтерс.
Група од 20 до заби вооружени специјалци со кучиња трагачи ја проверуваат зградата. Пред зградата се ставени заштитни огради, а покрај бројните новинарски екипи се собираат и поддржувачите на Трамп.
Се очекува Трамп во Вашингтон да пристигне со авион од Њу Џерси еден час пред закажаното рочиште во 16 часот по локално време, односно во 22 по средноевропско.
Специјалниот обвинител Џек Смит поднесе во вторникот ново обвинение против Трамп, кое се состои од четири точки во кои поранешниот претседател се обвинува за измама на Соединетите Американски Држави, заговор за попречување службена постапка (пренос на власта), попречување и обид за попречување службена постапка, како и за кршење на правата загарантирани со законите и уставот на САД.
Тимот на Трамп порача дека поднесувањето ново обвинение претставува „патетичен обид на злосторничкото семејство Бајден“ и нивното министерство за правда да се вмешаат во претседателските избори во 2024 година.
Трамп може лично денес да се појави пред судот, но може тоа да го направи и преку видео-врска. Рочиштето на кое Трамп ќе се изјасни за обвинението е и претрес за време на кој обвинетиот ќе ги дознае деталите за обвиненијата.
Судијата ќе одлучи дали обвинетиот ќе биде притворен или пуштен со кауција, пишува Војс оф Америка, додавајќи дека се очекува Трамп да се изјасни дека не е виновен.
Против Трамп веќе се водат два процеси, но тој и понатаму се подготвува за претседателските избори следната година.
Во април стана првиот поранешен американски претседател обвинет за кривично дело.
Обвинението со кое ќе се соочи денес се чини најсериозно.