Американскиот претседател Доналд Трамп доживеа незгоден момент за време на интервјуто за „Punchbowl News“, откако новинар директно му возврати на неговото тврдење дека е „еден од најголемите претседатели“ во американската историја.

Разговорот со новинарот Џејк Шерман се водеше околу можноста демократите да ја преземат контролата врз Конгресот по изборите во 2027 година и можните истраги против Трамп, вклучително и повторно покренување постапка за негов импичмент.

Кога беше прашан дали се плаши од такво сценарио, Трамп самоуверено одговори дека „многу луѓе“ го сметаат за еден од најголемите претседатели во историјата.

„Но, тие дефинитивно не го велат тоа“, му возврати Шерман низ смеа.


Трамп веднаш се обиде да ја одбрани својата позиција, наведувајќи дека, според него, луѓето ги гледаат резултатите од неговата работа. Потоа почна да ги набројува економските резултати, инвестициите во САД, развојот на вештачката интелигенција и враќањето на големи компании во земјата.

Во интервјуто Трамп зборуваше и за претстојните конгресни избори и призна дека не е сигурен дали гласачите кои гласале за него ќе излезат на избори и ќе ги поддржат републиканците доколку неговото име не се најде на гласачкото ливче.

„Ако јас не се кандидирам, дали тие луѓе ќе излезат и ќе гласаат? Тоа е единственото нешто што не можам да ви го кажам“, рече Трамп, додавајќи дека дел од неговите поддржувачи се незадоволни од Републиканската партија, но не и од него лично.

Трамп се осврна и на односите со конгресните лидери. Претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон го опиша како „фантастична личност“ со која има добар однос, додека беше повоздржан кога беше прашан дали ќе го поддржи Џон Тун за повторно да биде лидер на републиканците во Сенатот.

„Не сакам да навлегувам во тоа. Мислам дека имаме добар однос и нема недоразбирања меѓу нас“, одговори Трамп.

Во пресрет на изборите, Трамп се соочува со неизвесност околу тоа дали републиканците ќе ја задржат контролата врз двата дома на Конгресот, што би имало директно влијание врз неговата можност да ја спроведува политичката агенда во преостанатиот дел од мандатот.