Напади врз цели во Венецуела, меѓу кои и воени објекти, биле наредени од американскиот претседател Доналд Трамп, јавуваат американски функционери за „Си-Би-Ес њуз“. Акцијата следува по утринските експлозии и ниските прелети на авиони во главниот град Каракас.

Погодени воени цели и прекин на струја

Според сведочењата на очевидци, биле погодени воениот аеродром „Ла Карлота“ во центарот на градот, како и главната воена база Фуерте Тиуна. Во делови од Каракас, но и во одредени населби, дошло до прекин на електричната енергија.

Мадуро прогласи национална вонредна состојба

Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи национална вонредна состојба и ги повика општествените и политичките сили да активираат планови за мобилизација. Тој ги осуди нападите, оценувајќи ги како обид на САД да ги преземат венецуелските нафта и минерали.

Напади и надвор од главниот град

Владата на Венецуела соопшти дека „ја отфрла и осудува исклучително сериозната воена агресија извршена од сегашната влада на Соединетите Американски Држави врз венецуелската територија“.

Прочитајте повеќе од веста:

(ВИДЕО) ЕКСПЛОЗИИ И ПРЕЛЕТИ НА АВИОНИ СЕ СЛУШААТ ВО КАРАКАС: Дали САД ја нападна Венецуела?

Освен во Каракас, напади биле регистрирани и во покраините Миранда, Арагва и Ла Гваира. Трамп претходно најавуваше можни копнени операции, по засиленото американско воено присуство во Карибите и воведената блокада на санкционирани бродови што влегуваат или излегуваат од венецуелските води.