Американскиот претседател Доналд Трамп упати остри и невообичаено директни пораки до саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, велејќи дека односот кон него мора да биде поинаков отколку со претходните американски претседатели. Изјавата ја даде во говор во Мајами.

– Тој не мислеше дека ова ќе се случи. Не мислеше дека ќе ми го бакнува задникот, навистина не мислеше… Мислеше дека се работи за само уште еден американски претседател губитник, со земја што оди на удолница. Но, сега мора да биде добар кон мене… Кажете му, подобро да биде добар кон мене, мора да биде – рече Трамп за саудискиот принц.

Коментарите доаѓаат во период на засилени тензии на Блискиот Исток, каде Саудиска Арабија останува еден од клучните безбедносни и енергетски партнери на САД.

Саудиска Арабија и Иран со години се натпреваруваат за влијание во регионот. Според претходен извештај на „Гардијан“, саудиските разузнавачки служби оцениле дека Ријад има ретка можност да ја зајакне својата позиција доколку дојде до промена на режимот во Иран.

Протечена белешка од американскиот Стејт департмент, пак, укажува дека саудиското раководство го охрабрило Трамп да преземе поагресивни чекори против Техеран во раните фази од нападите.

Во моментов нема потврдени информации за директно воено вклучување на Саудиска Арабија, иако аналитичарите проценуваат дека Ријад внимателно ја следи ситуацијата и би можел да се вклучи поактивно ако пропаднат дипломатските напори, вклучително и посредувањето на Пакистан.

Паралелно, администрацијата на Трамп врши притисок врз Саудиска Арабија да ја признае државата Израел, потег што би имал значајни последици за регионот.