Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека е усогласена заедничка изјава меѓу македонската Влада и Белата куќа за идниот договор за трговија меѓу двете држави. Според него, договорот треба да отвори нови можности за македонската економија.

Мицкоски изјави дека со ова, заедно со стратешкото партнерство со Обединетото Кралство и завршувањето на постмониторингот на Советот на Европа, се заокружува дипломатската активност на Владата во првите дваесетина месеци од мандатот. Оцени дека станува збор за значајни договори за државата.

Тој од денеска учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, каде што остварил средби со претставници на повеќе компании. Посочи дека компаниите „Шварц“ и 4iG разгледуваат дополнителни инвестиции во Македонија во области како вештачка интелигенција, дата-центри и енергетика.

Премиерот имал и средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Разговарале за евроинтегративниот процес и за, како што рече, потребата тој да биде фер и без билатерални условувања.

Мицкоски престојува во Германија со делегација составена од министрите за одбрана, надворешни работи и внатрешни работи. Во рамките на конференцијата се најавени повеќе билатерални средби со европски лидери и претставници на безбедносни институции.